АКТИВНОСТИСе залагаме за зголемување на свеста за местото и улогата на математиката во науките, технологијата, наставата, природата и културата.
|
43. ПРИМАТИЈАДА (28.04.2016 - 01.05.2016), АЛБЕНА, Р. БУГАРИЈА
Во периодот од 28 април до 1 мај 2016 година се одржа четириесет и третата ПРИМАТИЈАДА во познатото летувалиште на Црно Море, Албена, Р. Бугарија. Секоја година Приматијадата ги собира студентите од природно-математичките факултети од бившите југословенски републики. Оваа година учествуваа 18 природно-математички факултети и околу 2000 студенти. Тие ги претставија своите знаења од научните области: хемија, физика, математика, информатика, биологија и географија. Покрај тоа, студентите се натпреваруваа и во повеќе спортски дисциплини: кошарка, ракомет, фудбал, одбојка, пинг-понг и шах. Важен аспект на Приматијадата е дружење со колегите од регионот, стекнување нови пријателства, но и идни контакти за работа. Затоа, на Приматијадата беа организирани и креативни работилници, дневни и ноќни забави, натпревар во ревијални спортови и игри без граници.
Студентите од ПМФ, Скопје, по неколкудневните натпревари, постигнаа успеси во секое натпреварување, а го освоија и генералниот пехар. Имено, екипите на ПМФ од Скопје го освоија првото место во следните дисциплини: ракомет (машки), пинг понг (машки) и фудбал (машки), второ место во одбојка (машки) и кошарка (машки), трето место во фудбал (женски), ракомет (женски), пинг-понг (женски) и шах (машки и женски). Во категоријата за наука ги освоија првото и второто место од географија, првото и третото место од биологија и првото и третото место од математика.
Со трудови од научната дисциплина математика, од Институтот за математика учествуваа студентите Гордана Николовска, со темата Боење графови, Викторија Сарвановска со темата Фурјеова трансформација и нејзината улога во процесот на препознавање отпечаток од прст и Ангела Стојановска со темата Метрички простори.
Првото место го освои темата „Боење графови“, во која се обработуваат дел од теоремите кои го олеснуваат прболемот на боење графови, а притоа, применувајќи ја теоремата на Брукс, конструиран е граф на општините на градот Скопје и неговата карта е обоена со четири бои. Третото место го делат останатите две теми. Во темата „Фурјеова трансформација и нејзината улога во процесот на препознавање отпечаток од прст“ е направен краток преглед на неколку облици на Фурјеовата трансформација, со акцент на нејзината примена во процесот на препознавање на отпечаток од прст, каде што таа има улога на филтер. Во темата „Метрички простори“ се дефинираат основните поими од областа на метричките простори, со осврт на примена на метрика при пребарување на Google.
На фотографијата, девојките одлево надесно се:
Викторија Сарвановска, Гордана Николовска и Ангела Стојановска.
Викторија Сарвановска, Гордана Николовска и Ангела Стојановска.
Честитки до сите кандидати од областа на математиката, но честитки и до сите учесници! Им посакуваме уште поголеми успеси и на следната, 44 Приматијада во 2017 година.
Известуваат:
Проф. д-р Весна Целакоска-Јорданова и Гордана Николовска,
Институт за Математика, ПМФ, Скопје
Обjавено на:
7 мај 2016 година
Начин на цитирање на статијата:
В. Целакоска-Јорданова, Г. Николовска, 43. Приматијада (28.04.2016-01.05.2016), Албена, Р. Бугарија, Портал ПОИМ на Институтот за математика, ПМФ, Скопје, 7 мај 2016, http://poim-pmf.weebly.com/primatijada-2016.html
Известуваат:
Проф. д-р Весна Целакоска-Јорданова и Гордана Николовска,
Институт за Математика, ПМФ, Скопје
Обjавено на:
7 мај 2016 година
Начин на цитирање на статијата:
В. Целакоска-Јорданова, Г. Николовска, 43. Приматијада (28.04.2016-01.05.2016), Албена, Р. Бугарија, Портал ПОИМ на Институтот за математика, ПМФ, Скопје, 7 мај 2016, http://poim-pmf.weebly.com/primatijada-2016.html
Авторизираните статии објавени на Порталот подлежат на законска заштита. Се забранува користење на статиите без наведување на авторот или изворот.