ПОИМ
  • Почетна
  • За порталот
  • Статии
    • Научно-популарни статии
    • Статии за наставата по математика
    • Математички омнибус (наука)
    • Математички омнибус (настава)
    • Статии од Месецот на науката
  • Активности
  • Забава
  • ПОИМ споделува ...
  • Рекле за ...
  • Контакт
ПОИМ - Портал на Институтот за математика
www.poim-pmf.weebly.com
Picture

СТАТИИ ЗА НАСТАВАТА ПО МАТЕМАТИКА

Се залагаме за зголемување на свеста за местото и улогата на математиката во науките, технологијата, наставата, природата и културата.
Picture

имиња на германски, РУСКИ и Холандски математичари
на македонски јазик

Picture
Овде го дискутираме проблемот со изговорот и за­пи­шувањето на имињата на германски, холандски и руски математичари во наставата по ма­­­­­­­­­­­те­­ма­ти­ка на природно-математичките и техничките факултети, но и во ма­те­­ма­тичката литература на македонски јазик, независно од тоа дали ста­­нува збор за книга напишана од македонски автор(и) или, пак, за пре­вод на кни­га од стран­ски автор(и). Ќе наведеме при­ме­ри на различни за­писи на одредени ими­­ња на математичари, избрани глав­но од учеб­ни­ци по ма­те­­матика, за чие запишување или изговор на маке­дон­­ски јазик по­­с­тојат ди­леми.

Никако не ни е цел да направиме ком­пле­тен список на тие учеб­ни­­ци, ниту да ги критикуваме нив­ните автори или преве­ду­вачи.

​Според Правописот на македонскиот јазик ([24]), ту­ѓи­те ими­ња се пишуваат со наше писмо, по правило, онака како што се изго­ва­­раат. Сметаме дека транс­крип­ци­јата на ими­ња­та треба да се изведува строго според Право­пи­сот на маке­дон­скиот јазик, секаде каде што е можно. Таа треба да биде што е мож­но по­блиска до оригиналниот изго­вор на името, притоа заменувајќи ги гла­­со­ви­те што ги нема во нашиот јазик, со наши слични гласови, но и да ги сле­ди правописните правила на македонскиот лите­­ратурен јазик.

Германски математичари чии имиња често се сре­ќа­ва­ат во математичката литература,
а создаваат дилеми во нивната транс­крип­ција на македонски јазик
​

Ваерштрас или Вајерштрас­?  Weierstrass (Karl Teodor Wilhelm Weier­strass, 1815-1897) е истакнат германски математичар, еден од творците на совре­ме­на­та математичка анализа, со голем придонес во теоријата на функциите, те­о­­ријата на редовите, диференцијалните равенки и варија­ци­о­ното сметање. Во нашата литература, неговото име се предава како Ваер­штрас (при­ме­ри: [6], стр. 27;  [9], стр. 135;  [10], стр. 219;  [11], стр. 286) и како Вајер­штрас (примери: [16], I, стр.188;  [16], IV, стр. 330);  [19], стр. 264).
 
Според [25], стр. 199 и [24], стр. 97 (пример: Meier - Мајер) името We­ier­strass кај нас треба да се предава како Вајерштрас. Значи, поимите и резултатите што го вклучуваат тоа име, треба да се предаваат вака:
Вајер­­штрасов критериум, теорема на Болцано-Вајер­штрас,  Вајерштрасови функции, теорема на Ва­јер-­штрас,  и сл.

Мобиус или Мебиус?  Во повеќе книги на македонски јазик се сре­ќа­ва­ат називи на поими или резултати коишто го вклучуваат името на гер­ман­ски­от математичар Möbius (August Ferdinand Möbius, 1790-1896), како на пример: Мобиусова лента (во [10], стр. 230), Мобиусова транс­фор­ма­ција  (во [11], стр. 389), Мебиусова лента и Мебиусова трансформација (во [18], стр. 147).
     
​Според [25], стр. 200, графемата ö во македонскиот јазик се предава како е (пример: König - Кениг), па името Möbius треба да се предава како Мебиус. Значи, треба: Мебиусова лента, Мебиусов ред, Мебиусова рамнина, Ме­би­усова функција.
  
Годел или Гедел? Од истите причини како кај Möbius, името на авс­трискиот математичар од чешко потекло Gödel (Kurt Friedrich Gödel, 1906 -1978), којшто докажал некои фундаментални теореми што откорен ја из­ме­ниле математичката логика и филозофските основи на математиката, треба да се предава во македонскиот јазик како Гедел. Во согласност со тоа, имаме: теоремa на Гедел за комплетност, теорема на Гедел за некомплетност, Геделово множество, Геделово нумерирање ([19], стр. 104).

Холдер или Хелдер?  Името на германскиот математичар Hölder (Otto Ludwig Hölder, 1859-1937), сврзано со едно неравенство (за конечни суми и за интеграли) и со некои теореми, во нашата литература се среќава како Холдер (т.е. Холдерово неравенство - во [3], стр. 154 и [5], стр. 326), a и ка­ко Хелдер (т.е. неравенство на Хелдер - во [19], стр. 110). Од истите причини како кај Möbius, името Hölder треба да се предава како ​Хелдер, па значи: неравенство на Хелдер или Хелдерово неравен­ство, теорема на Жордан-Хелдер, Хелдерови методи за сумирање.

​Кроникер или Кронекер? Германскиот математичар Kronecker (Leopold Kronecker, 1823-1891) е познат по изреката „Бог ги создал целите броеви, а се' друго создал човекот“, но и по неговата работа во областа на теоријата на броеви, алгебрата и логиката. Во нашата литература се среќава како Кронекер ([16], IV, стр. 86), наспроти Кроникер ([12], стр. 188, 189), главно како дел од називот на теоремата за решенијата на системи од m линеарни равенки со n непознати. Името Kronecker, сепак треба да се изговара и да се предава со „е“, т.е. како Кронекер. Значи: теорема на Кронекер-Капели, теорема на Кронекер-Вебер, Кронекеров метод и сл.       

Хасов дијаграм или Хасеов дијаграм? Овој дијаграм се спомнува во наставата по математика главно за предметите Множества и логика и Дискретни структури 1, а се однесува на претставување на конечни делумно подредени множества. Називот на овие дијаграми доаѓа од името на германскиот математичар Хелмут Хасе (Helmut Hasse, 1898–1979). Бидејќи при­својните придавки се формираат со нас­­­­тавката –ов, –ев или –ин ([25], стр. 43), треба на името само да му се до­да­де наставката –ова. Значи: ​Хасеов дијаграм, Хасеов прицип (слично како за Рабеов критериум за конвергенција на ред, слично како Клероова равенка).
​
Руски математичари чии имиња често се сре­ќа­ва­ат во математичката литература,
а создаваат дилеми во нивната транс­крип­ција на македонски јазик


Бунјаковски или Буњаковски? Рускиот математичар Буняковски  (Вик­­тор Яковлевич Буняковский, 1804-1889) се занимавал со математичка ана­ли­за, теорија на броеви, теорија на веројатност и статистика. Неговото име во нашата литература се среќава најмногу во називот на едно нера­вен­ство во математичката анализа: неравенство на Коши-­Бунја­ков­ски (во [5], стр.326), неравенство на Коши-Буњаковски-Шварц (во [7], стр. 8); не­ра­вен­ство на Коши-Буњаковски (во [15], стр. 129 и [16], III, стр. 114), нера­вен­ство на Буњаковски (во [19], стр. 33).
     
Според [25], стр. 237, т. љ), групата ня се предава како ња (пример: Ко­няев - Коњаев), па според тоа, името Буняковский се предава како Буња­ковски, со акцент на буквата о. Значи: неравенство на Буњаковски, неравенство на Коши-­Буња­ковски, неравенство на Коши-Буњаковски-Шварц, хипотеза на Буњаковски.

Јуковски или Жуковски?  Името на рускиот механичар Жу­ков­ский (Николай Егорович Жуковский, 1847-1921),  создател на аеродинамиката како наука, во нашата литература се среќава како Јуковски ([11], стр. 57) и како Жуковски ([18], стр. 127), a во врска со една функција (транс­фор­ма­ци­ја на комплексна рамнина). Бидејќи буквата ж од руската азбука се предава како нашата буква ж (пример: Же­лезняков - Железњаков, [25], стр. 237, т. љ), името Жу­ков­ский се пре­да­ва како Жуковски, со акцент на буквата о.
   
​Според [25], стр. 239, т. ќ) и у), буквата й на крајот од презимето во рус­киот јазик не се предава никако во нашиот јазик (за разлика од лич­ни­те ими­ња, каде што й се предава со ј: Василий - Василиј, Юрий - Јуриј).  Зна­чи: Жуковски, функција на Жуковски, трансформација на Жуковски.          
           
Холандски математичар чие име создава дилеми при транс­крип­цијата на македонски јазик

Стилтес или Стилтјес?  Името на холандскиот математичар  Stieltjes, (Tho­mas Joannes Stieltjes, 1856-1894) и присвојните придавки изведени од тоа име, во математичката литература на македонски јазик се преда­ва­ни на два начина: Стилтес, Стилтесов и Стилтјес, Стил­тје­сов. Примери: Стилтесов интеграл, интегрална сума на Стилтес ([2], стр. 116); Риман- Стилтесов интеграл ([3], стр. 112);  Стилтјесов ин­те­грал, интегрална сума на Стилтјес ([5], стр. 198); Риман­-­Стилтјесов ин­тег­рал ([18], стр. 202) и Лебег-Стилтјесов интеграл ([18], стр. 132).
     
Според одредбата во [24], стр. 276: „Согласката ј се предава со ј“, име­то Stieltjes треба да се предава како Стилтјес, па значи и: Стил­тје­сов ин­теграл, интегрална сума на Стилтјес, Риман-Стилтјесов инте­грал, Лебег-Стилтјесов интеграл.  

Слични статии:
  • ИМИЊА НА АНГЛИСКИ МАТЕМАТЕМАТИЧАРИ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК
  • ИМИЊА НА ФРАНЦУСКИ МАТЕМАТЕМАТИЧАРИ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК
ПОКАНА ДО ЧИТАТЕЛИТЕ

Доколку имате прашање или мислење во врска со изговорот и запишувањето на имиња на странски математичари, Ве покануваме да испратите коментар до уредниците на ПОИМ на e-mail: poimpmf@gmail.com 
Коментарот ќе биде објавен (ако е соодветен).
Литература

[1] Б. Видоески, Т. Димитровски, К. Конески, Р. Угринова-Скаловска, Право­пис на македонскиот литературен јазик, Просветно дело, Скопје, 1998
[2] М. Георгива, Б. Трпеновски, Теорија на веројатностите, скрипта за сту­ден­­тите од ПМФ, Скопје, 1993
[3] Р. М. Дадли, Реална анализа и веројатност, Проект на Владата на РМ „Пре­­ведување 1000 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врв­ните и најреномираните универзитети во САД и Англија “, Арс Ламина, 2012
[4] Ш. Екслер, Линеарна алгебра сработена на вистински начин (превод на 500 стручни и научни книги, програма на Владата на РМ), Просветно дело, 2009
[5] Н. Ивановски, Реална анализа, Просветно дело, Скопје 1997
[6] Н. Ивановски, Н. Речкоски, Математика III, УКИМ, Скопје, 1991
[7] Н. Ивановски, М. Оровчанец, Ортогонални полиноми и специјални функ­ции, ПМФ, УКИМ, Скопје 2000
[8] Б. Илиевски, Ж. Томовски, Одбрани делови од диференцијални равенки и ком­­п­лексни функции, ПМФ, Скопје 2003
[9] Џ. Р. Манкрес, Топологија, Проект на Владата на РМ „Преведување 1000 стру­ч­­ни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните и нај­ре­но­ми­ра­ните универзитети во САД и Англија “, 2012
[10] Б. Менделсон, Вовед во топологија, (превод на 500 стручни и научни кни­ги, програма на Владата на РМ), Академски печат 2011
[11] Е. Б. Саф, А. Д. Снајдер, Основи на комплексната анализа со примени во ин­­же­­нер­с­тво­то и науката, (проект на Владата на РМ „Преведување на 1000 стручни и научни книги и учебници ...“), Арс Ламина 2014
[12] K. Тренчевски, Б. Крстеска, Г. Тренчевски, С. Здравеска, Линеарна алгебра и аналитичка геометрија, Просветно дело, Скопје, 2004
[13] Б. Трпеновски, Веројатност и статистика, Машински факултет - Скопје, пост­­­дип­лом­ски студии, УКИМ, УЦМТН,  Скопје, 1981
[14] Б. Трпеновски, Елементарен увод во теоријата на веројатноста, Сту­дент­­ски збор, Скоп­је, 1982
[15] Б. Трпеновски, Н. Целакоски, Елементи од нумеричката математика, УКИМ, Скопје 1987
[16] Б. Трпеновски, Н. Целакоски, Ѓ. Чупона, Виша математика кн. I, II, III, IV, Прос­ветно дело, Скопје 1993 - 1995
[17] Н. Целакоски, Задачи по линеарна алгебра, Просветно дело, Скопје 1996
[18] Н. Целакоски, Диференцијални равенки, УКИМ, Скопје 1986
[19] Н. Целакоски, В. Целакоска-Јорданова, Е. Целакоска, Англиско-македонки реч­ник на математички термини, МАНУ, Скопје, 2015
[20] Д. Чакмаков: Веројатност и статистика за инженери, УКИМ, Скопје 2015
[21] Ѓ. Чупона: Алгебарски структури и реални броеви, „Просветно дело“, 1976
[22] Ѓ. Чупона, Б. Трпеновски: Предавања по алгебра, кнiga II, УКИМ, Скопје 2000
[23] В. А. Штраус, Парцијални диференцијални равенки, Проект на Владата на РМ „Пре­ве­ду­вање 1000 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните и нај­ре­но­мираните универзитети во САД и Англија “, 2012
[24] Правопис на македонскиот литературен јазик со правописен речник, Ин­с­титут за македонски јазик „Крсте Мисирков“, „Просветно дело“, Скопје 1970
[25] Правопис на македонскиот јазик, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, 2015
Автори:
Весна Целакоска-Јорданова, Институт за математика, Природно математички факултет, Скопје 
Емилија Целакоска, Машински факултет, Скопје

Објавено на ПОИМ:
5  јуни 2017

Начин на цитирање на статијата:
В. Целакоска-Јорданова, Е. Целакоска, Имиња на германски, холандски и руски математичари на македонски јазик, Портал ПОИМ на Институтот за математика, ПМФ, Скопје, 5 јуни 2017, http://poim-pmf.weebly.com/iminja-na-germanski-holandski-i-ruski-matematicariichari.html
Download (PDF)
Авторизираните статии објавени на Порталот подлежат на законска заштита. Се забранува користење на статиите без наведување на авторот или изворот.

Copyright © 2015 POIM

Powered by Create your own unique website with customizable templates.