ПОИМ
  • Почетна
  • За порталот
  • Статии
    • Научно-популарни статии
    • Статии за наставата по математика
    • Математички омнибус (наука)
    • Математички омнибус (настава)
    • Статии од Месецот на науката
  • Активности
  • Забава
  • ПОИМ споделува ...
  • Рекле за ...
  • Контакт
ПОИМ - Портал на Институтот за математика
www.poim-pmf.weebly.com
Picture

АКТИВНОСТИ

Се залагаме за зголемување на свеста за местото и улогата на математиката во науките, технологијата, наставата, природата и културата.
Picture

СТУДЕНТИТЕ-МАТЕМАТИЧАРИ НА СТУДЕНТСКАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА МЛАДИТЕ УМЕТНИЦИ И НАУЧНИЦИ СКУН 2020

Picture
Реконструкцијата на Студентските сојузи и нивната транзиција во Студентски собранија при факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, донесе подем кога се во прашање можностите за студентите. Под можности, пред сè, се подразбира нивното активно вклучување во организација на конференции и работилници, поддржани од Универзитетот, но и од Универзитетското студентско собрание. 
Есента 2020 година, поточно на 13 и 14 октомври, како резултат на организацијата на Факултетските студентски собранија при Природно-математичкиот факултет, Технолошко-металуршкиот факултет и Факултетот за ликовни уметности од Скопје, се организира студентската конференција на младите уметници и научници СКУН. Оваа конференција беше организирана преку средства за електронска комуникација, поточно преку платформата Zoom. Согласно искуствата на досегашните Студентски сојузи, се потврдува дека ова е првата конференција од мултидисциплинарен карактер која има за цел да ги спои науките и областите кои ги негуваат овие факултети.
На конференцијата учествуваа студенти од сите три циклуси на студии, а тоа овозможи разноликост при излагањата на студентите и придонесе за поголем одзив за учество со стручни и научно-популарни трудови од сите области кои ги покриваат овие факултети. Програмата на СКУН беше поделена во пет категории, според структурата на студиските програми на факултетите, но и во зависност од нивната меѓусебна поврзаност, и тоа:
А. Биологија
Б. Хемија и нејзина примена
В. Математички науки и примени
Г. Физика и нејзина примена
Д. Современи материјали и технологии
​Беа одржани точно 17 презентации, од кои во Зборникот на трудови од СКУН, објавен во издание на Технолошко-металуршки факултет (електронска форма) во март 2021 година, беа публикувани 15 трудови. Неправедно е да се изостави фактот дека оваа конференција доби целосна поддршка и од професорите на факултетите. За тоа говорат точно 4 трудови (сите од ПМФ) кои се публикувани во коавторство со најмалку еден професор од соодветната област, како и останатите 11 трудови кои се менторирани, исто така, од најмалку еден професор. 
Застапеноста на трудовите од Природно-математичкиот факултет во Скопје на СКУН, изразена во бројки, е точно 10 трудови. Тоа, пак, укажува за големиот интерес на студентите и желбата да истражуваат во оние области и гранки од науката кои се од нивен интерес. Во фокусот на оваа статија се презентациите и трудовите од студентите на Институтот за математика (ИМ) при ПМФ во Скопје. Во рамките на СКУН, учествуваа студенти од прв и втор циклус студии на ИМ со вкупно 4 презентации. Во прилог ги наведуваме учесниците, по редослед на нивното излагање и линк до презентацијата од трудот:
1. Ангела Здравковска, Воронови дијаграми – конструкција и примени (презентација),
    ментор: проф. д-р Ирена Стојковска
2. Благоја Нојков, Споредба на финансиските резултати од работењето на некои правни субјекти од различни општествени дејности, пред и за време на корона кризата – математички осврт (презентација),
    ментор: проф. д-р Анета Гацовска-Барандовска
3. Меланија Бошкова, Математичка анализа и симулација на SIR-модел за Ковид 19 (презентација),
    ментор: доц. д-р Петар Соколоски
4. Стефан Мирчевски, Верица Бакева-Смиљкова, Две карактеристики на едноканален систем за масовно опслужување со приоритет на опстлужување и селективен отказ на клиенти (презентација).
Во електронското издание на Зборникот беа публикувани првите три трудови од нашите студенти. 
​Покрај другото, Стефан Мирчевски, од редот на студенти на Институтот за математика беше дел од Организациониот одбор на конференцијата, но и главен и одговорен уредник на Зборникот на трудови од СКУН.
За повеќе информации ве упатуваме на линкот кој води до Зборникот на трудови од СКУН: 
http://www.tmf.ukim.edu.mk/Data/aktuelnosti/%d0%a1%d0%9a%d0%a3%d0%9d-%d0%97%d0%91%d0%9e%d0%a0%d0%9d%d0%98%d0%9a-2021.pdf
Известува: 
Стефан Мирчевски, 
Институт за математика, ПМФ, Скопје
​
Обjавено на:
23 март 2021 година
​
Начин на цитирање на статијата:
С. Мирчевски, Студентите-математичари на студентската конференција на младите уметници и научници СКУН 2020, Портал ПОИМ на Институтот за математика, ПМФ, Скопје, 23 март 2021, ​http://poim-pmf.weebly.com/skun-2020.html
Авторизираните статии објавени на Порталот подлежат на законска заштита. Се забранува користење на статиите без наведување на авторот или изворот.

Copyright © 2015 POIM
web counter
Powered by Create your own unique website with customizable templates.