АКТИВНОСТИСе залагаме за зголемување на свеста за местото и улогата на математиката во науките, технологијата, наставата, природата и културата.
|
ОДГОВОРИ НА ПОИМ АНКЕТАТА: ЗОШТО ЈА САКАМ МАТЕМАТИКАТА?
Многумина ја сакаат математиката. Кој ја засакал НЕА - никогаш не престанал да ја сака. На некои, можеби таа им е прва љубов. Но, сте се прашале ли некогаш зошто ја сакате математиката?
Во чест на 70 години Институт за математика и Природно-математички факултет - Скопје, една од најстарите научни институции во Македонија, во која се негува и развива математичката мисла и од која излегле најголемиот број математичари во Македонија, уредувачите на порталот на Институтот за математика - ПОИМ, одлучија да спроведат анкета со единствено прашање: Зошто ја сакам математиката? Анкетата беше отворена од 10 ноември 2016 до 10 декември 2016. Во одговарањето на анкетното прашање можеше да учествува секој вљубеник во математиката. По завршувањето на анкетата, дел од одговорите беа презентирани на Првиот семинар „Математика и примени“, на 14 декември 2016.
Во продолжение ви ги презентираме пристигнатите одговори:
Во чест на 70 години Институт за математика и Природно-математички факултет - Скопје, една од најстарите научни институции во Македонија, во која се негува и развива математичката мисла и од која излегле најголемиот број математичари во Македонија, уредувачите на порталот на Институтот за математика - ПОИМ, одлучија да спроведат анкета со единствено прашање: Зошто ја сакам математиката? Анкетата беше отворена од 10 ноември 2016 до 10 декември 2016. Во одговарањето на анкетното прашање можеше да учествува секој вљубеник во математиката. По завршувањето на анкетата, дел од одговорите беа презентирани на Првиот семинар „Математика и примени“, на 14 декември 2016.
Во продолжение ви ги презентираме пристигнатите одговори:
Затоа што ми предизвикува "пеперутки" во мозокот, исти како оние во стомакот, што ги чувствуваш кога си вљубен.
- Светлана Димитриевска, АСУЦ Боро Петрушевски, Скопје
Математиката е прецизна наука, постојат шаблони и закони во кои одлично се снаоѓам.
- Маријана Тошевска, ООУ Кирил и Методиј, Куманово
Не знам, сакање е тоа или не. Но, има нешто возвишено во мојот однос кон неа. Има две нешта што со сигурност можам да ги тврдам:
Покрај учебник по математика никогаш не се чувствувам осамено. Во тоа знаење, откривано низ вековите од највозвишените умови, во тие теореми и докази, имам некакво прибежиште, чувствувам дека тоа што го читам не е бесцелно, дека таа е една од ретките нешта на овој свет кои во филозофска смисла вреди да се изучуваат, продлабочуваат, откриваат.
Од друга страна, постои и ирационален стремеж да ја изучувам, желба да ја познавам, чувствувам, предвидувам... Не знам зошто е, инаку ќе беше рационален.
- Антониј Мијоски, Санкт - Петербургский государственный университет, Санкт - Петербург, Русија
Математиката е наука која ги отвара видиците кон животот. Таа ја развива личноста на човекот во поглед на логиката, меморирање и вниманието. Воедно ја негува постојаноста, трпеливоста и истрајноста. Ја има во сите пори на човечкиот живот.
- Mирјана Тасевска, ОУ Тодор Ангелевски, Битола
Затоа што ми го олеснува животот.
- Лидија Карапееска, ОУ Климент Охридски, Прилеп
Причини зошто ја сакам математиката:
ме исполнува,
ми помага при решавање на проблеми во секојдневниот живот,
ме прави среќна,
ме расположува.
Животот со неа е интересен, забавен и едукатвен.
- Александра Начкоска, Институт за математика, Природно-математички факултет, Скопје
Ја сакам математиката бидејќи е тесно поврзана со животното искуство.
Аналитички размислуваме, се изразуваме прецизно и се натпреваруваме со останатите во однос на прашањето „Кој прв ТОЧНО ќе ја реши задачата“ во превод, сите животни проблеми имаат различни решенија и различен пристап на решавање. Не треба да се откажуваме при првата препрека или неуспех затоа што ќе ни ја реши некој друг, а животниот пат не е аксиома за да ја земеме здраво за готово, туку личи на теорема .... Бара доказ!
- Цветанка Пупуновска
ЗОШТО ЈА САКАМ МАТЕМАТИКАТА?
АКРОСТИХ
Математиката ја сакам,
А, таа со знаење ми враќа.
Теорија и задачи во неа рој,
Едноставно, можности за математичка забава безброј.
Математиката мајка на науките е,
Ако учиш математика - ќе знаеш с`е!
Теоријата за да знаеме полесно ни помага на сите
И затоа вежбај задачи, полезно минувај ги дните!
Кога се двоумиш меѓу компјутерски игри и математички задачи,
Ај, не мисли се, одбери математички задачи - тоа во животот многу ќе Ти значи!
- Слободанка Бадаровска, ООУ Владо Тасевски, Скопје
ЗОШТО ЈА САКАМ МАТЕМАТИКАТА?
ПЕТТОРЕД
1. МАТЕМАТИКА
2. Занимлива, возбудлива
3. Учи, збогатува, поучува
4. Математика - мајка на науките
5. Знење
- Слободанка Бадаровска, ООУ Владо Тасевски, Скопје
МАЛА МАТЕМАТИКА
I
Отворот на усните погледни ги сам
ете крива линија, Венов дијаграм.
Двата реда запчиња, две множества прават.
Со усни заградени унија прават.
II
Штом лекар ги извади запчињата слаби,
ќе добиеш разлика од само здрави заби.
Кај малите бебиња и старите дедовци и баби,
нема елементи, значи има празни множества од заби.
- од збиката собрани стихотворби на одделенскиот наставник Марица Кочовска
Јас ја сакам математиката затоа што има свој начин на решавање на задачи. |
ДИЗАЈНИРАЊЕ НА СЛИКИ ВО КООРДИНАТЕН СИСТЕМ
(187 ТОЧКИ) ПРЕДМЕТЕН НАСТАВНИК: МАРИЈАНА ТОШЕВСКА - Елеонора Зафировска (лево) и Маринела Ангеловска (десно), VI одд., ООУ Кирил и Методиј, Куманово
|
Јас ја сакам математиката затоа што може да бидам креативна. |
Ја сакам математиката зашто може да ми овозможи егзистенција со тоа што ќе станам наставник по математика и физика токму во моето село. Се надевам дека ќе бидам добар наставник од кого учениците ќе научат нешто, а на тој начин и да им помогнам барем на некои да го оставрат својот сон.
- Мукерим Асан, Институт за математика, Природно-математички факултет, Скопје
Со математиката е отворен прозорецот кон Светот.
- Валентина Клопчаревска, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Затоа што секоја нова задача е нов предизвик, а секоја решена задача е мала победа.
- Тања Метикош, ООУ Дане Крапчев, Скопје
Математиката ја засакав од мојата драга учителка од прво до четврто одделение.
- Живко Ангеловски, ООУ Никола Карев, Пробиштип
Ја сакам бидејќи го развива мозокот.
- Мануела Наумовска
Ме исполнува, ме релаксира, можам да решавам задачи со часови и да не ми е доволно, таа ми е анти-стрес.
- Лилјана Шалева, СОУ Коле Нехтенин, Штип
Некои се раѓаат со математиката, но кај мене не беше така, почетоците беа дури во средно училиште. Како ученик во основно училиште, последно на памет ми паѓаше математиката. Се' се смени уште на првите часови по математика во средно училиште, мојата професорка беше моја имењачка и цело време ја следев со внимание. Со тоа почнав да се одвојувам од моите соученици, читав збирки и други списанија од каде без ничиј притисок решавав задачи. Љубовта кон математиката не престана. Толку ме опуштаа задачите, што се стекнав со диплома професор по математика и физика. Иако се до ден денес немам ден работен стаж, јас не се откажувам, дртжам приватни часови, така да најдобриот еликсир за меме се задачите. Длабоко во мене верувам дека еден ден можеби љубовта кон математиката ќе ја пренесам и на другите деца, како што му ја пренесов на син ми.
- Милена Крстеска
Математиката ја сакам затоа што е логична, забавна и со неа може да се игра!
- Милица Бебекоска
Ја сакам затоа што ме исполнува, ме прави горда, способна, интелектуално ме поткрепува, горда сум на своите интелектуални развивања. Ја сакам математиката затоа што е наука која те тера да се развиваш мисловно, емоционално те прави тврдокорен, упорен, сигурен.
- Габриела Јорданов
Сакајте ја, таа ќе ве израдува како никој на светот.
- Благој Панев
Затоа што:
Јас сум амбидекстер. Кога бев дете во училиште се чувствував изгубена меѓу мноштвото од зборови и реченици, но само бројките умееја да ми воведат ред во моето детско главче, така што преку откривањето на нивните шеми и врски, преку развивањето на сопствената логика, всушност го разбистрував мозокот и постепено се стануваше поразбирливо и појасно.
И денес како наставник по математика во основно училиште уште посилно верувам дека ако ученикот се „фати за бројките ќе умее полесно да го разбере текстот“!
- Александра Пешевска Митановска, ООУ Љубен Лапе, Аеродром, Скопје
Математиката ја засакав уште во основно образование. Таа е дел од моето секојдневие.
- Валентина Палифорова, ООУ Атанас Нивичански, Нова Маала, Струмица
Зошто ја сакам математиката?
Зошто ја сакам математиката е тешко прашање за да се одговори, но постојат многу причини поради кои таа се сака.
Кога ќе земеме да решаваме задачи, на почетокот кај нас се буди паника. Гледаме многу броеви, симболи и слични знаци од областа на математиката. Во тој момент, сето тоа изгледа многу страшно, но сепак кога ќе почнеме со решавање на задачите сето тоа исчезнува. Нашите мисли пловат исклучително кон наоѓање на решенијата, а во тој момент забораваме на се што е околу нас. Нашата упорност кон пронаоѓање на решението говори за љубовта кон математиката,која претставува клучен фактор поради кој се сака истата.
При решавањето наидуваме на проблеми. Правиме многу грешки,а воедно се случува тешко да стигаме до бараното решение. Особено во оној момент кога сфаќаме дека сме го нашле истото, согледуваме грешка во нашето решавање и размислување.
Овој дел е токму оној поради што математиката е не сфатлива и тешка.
Доколку нашата упорност ги победи овие мисли ,ние сепак ќе стигнеме до бараното решение. Тоа чувство е најубаво, кое не исполнува и не тера да ги заборавиме сите тешкотии додека сме стигнеле до решението.
Но токму поради сето ова ја сакам оваа наука, бидејќи не учи на тоа дека за секој проблем постои решение.
- Лиринда Алији, СОУГ Кирил Пејчиновиќ, Тетово
Математиката ја засакав уште во второ одделение бидејќи таблицата множење ја научив за време на летниот распуст и потоа сфатив дека повеќе ми лежи математиката за разлика од другите науки. Но подоцна се ориентирав кон физиката мислејќи дека таа го има одговорот на сите прашања. Но погрешив. Пред неколку години еде руски математичар показа дека универзумот функционира според математички теореми.
- Виолета Никовска
Математиката ја сакам затоа што учењето математика никогаш не ми било проблем, ме исполнува, ми претставува задоволство и има голема примена во било која друга наука како и во практичното работење.
- Мира Ташкова, ССОУ Коле Неделковски, Велес
ТВОРБИ И ИЗЈАВИ НА УЧЕНИЦИТЕ ОД I-г ОДДЕЛЕНИЕ, ООУ ВЛАДО ТАСЕВСКИ, СКОПЈЕ
ОДДЕЛЕНСКИ НАСТАВНИК: СЛОБОДАНКА БАДАРОВСКА
ОДДЕЛЕНСКИ НАСТАВНИК: СЛОБОДАНКА БАДАРОВСКА
|
ТВОРБИ И ИЗЈАВИ НА УЧЕНИЦИТЕ ОД VII-ИТЕ ОДДЕЛЕНИЈА, ООУ ВЛАДО ТАСЕВСКИ, СКОПЈЕ
ПРЕДМЕТЕН НАСТАВНИК ПО МАТЕМАТИКА: СИЛВА АТАНАСОВА
ПРЕДМЕТЕН НАСТАВНИК ПО МАТЕМАТИКА: СИЛВА АТАНАСОВА
Јас ја сакам математиката бидејќи има интересни и забавни задачи за решавање. Исто така ми помага во решавање на секојдневните проблеми кои се насекаде околу мене. Задачите понекогаш можат да се решат преку игра и забава.
Оние кои не ја сакаат математиката и не ја практикуваат ќе сфатат дека згрешиле.
- Милева Вероника VII-д, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Собирање, одземање
Множење и делење
Но најинтересно ми е
Координатен систем цртање
Моливот и линијарот се зсружија
и се појавија квадрати еден по друг.
Шестарот веднаш стана
и нацрта еден убав голем круг.
- Стефан Илиоски VII-а, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Математиката треба да ја сакаш, за да го разбереш животот.
Математиката треба да ја знаеш, за да го запознаеш светот.
Математиката треба да ја љубиш и да бидеш горд на тоа.
Математиката треба да ја користиш, за да животните препреки станат поедноставни.
- Иван Трпков VII-в, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Математиката е една голема основа во нашиот живот. Сите живи суштества се поврзани со неа. Ја сакам математиката бидејќи таа ме исполнува. Математиката ја сакам најмногу од се затоа што можам да ја користам постојано без крај. Додека решавам посакувам се повеќе и повеќе. Мојата љубов кон математиката ја покажував од мала и се надевам дека ќе прерасне во нешто многу поголемо.
- Ива Мандил VII-б, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Јас математиката најмногу ја сакам затоа што таа не учи да бидеме упорни, да не се откажуваме и да ја постигнуваме поставената цел. Но математиката не е важна само во училштето.Таа е важна и за во секојдневниот живот бидејќи математиката не учи да бидеме снаодливи и практични.
- Ана Ковачка VII-б, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Собери, дели, одземи, множи
логика развивај,
не плаши се пробај.
Со бројки играј
формули изведувај
чекор по чекор
решенија добивај.
Труди се ,
волја не губи
ти со вежбање и упорност
решение изведи.
Во математичката
бајка најди се ти
радосен ќе бидеш
верувај ми.
Според научното мнение
ако научиш математика
ќе дојдеш до точно решение
за секоја проблематика.
- Ања Аницин VII-д, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Математиката се сака,
се вежба многу
и ќе се знае без мака.
Во животот ќе ни помогне со пресметки разни,
математиката со бројки и букви
раскажува прекрасни сказни.
- Александра Чаракчиева VII-а, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Математиката ни помага во секојдневието. Таа e потреба без која не би можеле да функционираме. Логиката, пресметките и решавањето на секојдневните задачи и проблеми, се незамисливи без основните математички операции и равенки. Таа ни помага во развој на логиката, рационалното одлучување, успехот на работа и квалитетен живот. Овозможува да ги согледаме, споредуваме и применуваме природните, економските и општествените појави преку бројки. Математиката е основна и најприменлива наука, мајка на сите природни науки.
- Сара Атанасова VII-в, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Мислев дека,
без неа се може,
мислев дека
може да не се сака,
но таа е наука што се учи без мака.
Бројки и знаци,
множества разни,
математиката не учи работи
поинакви од секакви сказни.
Математиката треба да се сака,
таа е основа за се,
секој треба да ја знае,
за да еден ден не се кае.
- Ања Панчевска VII-а, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Математиката не учи дека за секој проблем има решение.
Математиката е врата и клуч до знаењето.
Можеби мислиме дека математиката не ни е потребна, но без неа не би можеле да опстанеме.
- Ина Бегиќ VII-а, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Математиката е уникатен предмет кој влиае врз секој друг предмет. Без неа ниту еден човек нема да може да биде успешен. Математиката исто така е потребна за развивање на логичкото размислување и примена во секојдневниот живот. Тој предмет најмногу го сакам и ми е полесен од другите предмети. Може сега како деца не можеме да го увидиме тоа, но кога ќе пораснеме ќе бидеме свесни колку ни е потребна и колку се зависи од неа.
- Леонид Спасов VII-б, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Математиката ја сакам бидејќи таа е се околу нас, односно математиката е секојдневниот живот кој не опкружува.
- Матеј Милошевски VII-в, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Како да се пријде кон оваа тематика?
Просто и едноставно: сакам математика!
Собирање, одземање, множење, делење -
Како да е машина за бројки мелење.
Рамнини и отсечки, агли и симетрија,
Мора да се знае се’ за геометрија.
Се случува некогаш ученик и да згреши -
Задачата е предизвик што мора да се реши!
Значи, да го дадеме и ова решение:
Математиката е закон без сомнение!
- Дарио Илиоски VII-г, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Зошто ја сакам математиката? Одговорот е јасен. Таа е гимнастика на мозокот, од мала, мама постојано вели.Така мојата искра љубов кон математиката стана цел вековен пламен.
- Михаела Христова VII-а, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Многу ги сакам патувањата и секогаш уживам во откривањето и истражувањето на нови места, држави, градови, планини итн.
На овој начин ја разбирам математиката. Ја сакам затоа што ја доживувам како непознато, возбудливо поле за истражување. За мене претставува патување низ морето на бројки, непознати фигури, бесконечен предизвик кој го доживувам како една голема авантура.
Колку повеќе ја запознавам толку повеќе ја засакувам. Решавањето на задачи за мене е игра во која се трудам да го решам и откриам непознатото.
Математиката е прозорец кон светот, кој колку повеќе ја изучувам повеќе се отвара и дава нови можности и нови патувања во светот на бројките.
- Матеј Саздовски VII-д, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Математика, сите велат не е лесна
но, јас си решавам задачи низ песна
множества, агли, триаголници и дропки
ниту равенките за мене не се сопки.
- Ивана Алексова VII-а, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Во математика убавина се крие,
Со бројки мудро бие.
Минус, плус, минус, плус знаци се редат,
Ко бисерен гердан вредат.
Сакам да бидам математичар славен,
на натпревари јас да бидам главен.
- Филип Филипов VII-д, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Јас ја сакам математиката затоа што ми е потребна во животот. Кој ја засакал никогаш нема да престане да ја сака. Некои ученици имаат со неа мака, а некои цел час креваат рака. Таа развива логика затоа на некој му е лесна, а на друг тешка. Но тука е наставничката наша да помогне во секоја мака и математиката да ни ја стави во рака.
- Ема Иловска VII-д, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Математиката е наука стара,
многу интерес и посветеност бара
задачите со концентрација и редовно учење
ќе ги решиш лесно
самостојно и чесно.
Таа е насекаде околу нас
Само погледни вешто
во секакви облици
се појавува често.
- Ана Дојчинова VII-д, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Математика е наука без кој човекот не може. Јас ја сакам математиката бидејки таа ме потикнува да размислувам, да го проширувам моето знаење и да учам што повеќе нови вештини. Математичките проблеми се исто така дел од нашиот живот на кој секојдневно ни треба решениие. Математиката ни помага на сите нас да се трудиме, размислуваме и да не се плашиме од грешките кои секогаш можеме да се потрудиме да ги совладаме. Тој што не ја разбира математиката не е дека навистина не може, туку дека не се труди доволно.
Сите знаеме дека математиката ни помага да бидеме успешни ЛУЃЕ.
- Мила Стојановска VII-а, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Математиката е наука позната и вешта,
таа објаснува многу нешта,
присутна е насекаде окулу нас,
на секој лист, цвет и клас.
Забавна и лесна е, со многу проблеми,
со интересни загатки и дилеми,
ме смирува и заигрува со броеви,
со операции, букви и сложени кроеви.
- Теодора Цветковска VII-г, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Ја сакам математиката затоа што таа не учи дека за секој проблем има решение, а ти треба само да избереш дали ќе го решиш проблемот по полесниот начин, ако ја работиш, или по потешкиот ако не ја користиш.
- Анастасија Јанкоска VII-а, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Кај броевите со почеток
но без крај,
математиката само
царува знај.
Пирамиди и призми,
квадари и топки,
равенки и формули,
графици и дропки.
Таа не учи
на ред и правила,
за да напредуваме
по научните скалила.
- Ема Арсова VII-г, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Светот на знаењето
многу науки брои,
но само една од нив
на престолот стои.
Математиката е горда
со жезлото во рака,
командува со бројки
без никаква мака.
Графици и дропки,
низи и операции,
патот на успехот
за сите генерации.
- Димитар Арсов VII-г, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Математиката има лош имиџ, многумина бегаат од неа и превртуваат со очи.
Но, треба да се потсетиме на позитивните работи за неа. Таа е креативен предмет, предизвик кој не тера да размислуваме, кој може да се решава, учи, стекнуваат вештини и применуваат на било кое место.
Математиката ни треба секогаш и насекаде и кој ќе се запознае со неа сигурно ќе ја засака. Бара труд и континуирана работа, но без неа нема наука и живот.
- Ива Чадиковска VII-д, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Порано играв само со топки,
а сега сум заинтересиран за дропки.
Сега решавам задачи,
тоа во иднина многу ќе ми значи.
Лесно ќе пресметам проценти и камати,
за да не заглавам со некоја рата.
Ќе ја научам математиката баш,
И ќе станам вистински маж!
- Никола Арсовски VII-г, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Математиката е предмет
кој што треба да се цени,
без неа сме обични луѓе
без животни цели.
Наставничката Силва
математиката ја сака
верува дека ако ја знаеме
ќе немаме никаква мака.
- Дамјан Јовсновски VII-г, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Ја сакам математиката како наука бидејќи е интересна. Таа ни е најпотребна во животот. Ни ја развива логиката, проценката и меморијата и е основа на сите науки.
- Огнен Дрнков VII-в, ООУ Владо Тасевски, Скопје
МАТЕМАТИКА-ОТВОРЕН ПОГЛЕД КОН СВЕТОТ
КОЈ НЕА ЈА ЗАСАКАЛ
ТОЈ НИКОГАШ НЕ ПРЕСТАНАЛ
ДА ЈА САКА.
СО НЕА НАУЧИВ ДА
БРОЈАМ И МНОЖАМ
МОЈОТ ПОГЛЕД КОН
СВЕТОТ Е МАТЕМАТИКАТА.
- Роберт Клопчевски VII-г, ООУ Владо Тасевски, Скопје
Многу сакам математика,
има бројки, нема слика.
Секогаш пишувам домашна
и ги ставам тетратките в ташна.
Многу е интересно на час
сите пишуваат или дискутираат на глас.
Во главата броеви се редат,
а на нас учениците мисли ни следат.
- Ивана Димитријевиќ VII-д, ООУ Владо Тасевски, Скопје
ТВОРБИ И ИЗЈАВИ НА УЧЕНИЦИТЕ ОД ООУ ВЛАДО ТАСЕВСКИ, СКОПЈЕ
СОБРАНИ ОД НАСТАВНИКОТ: СИЛВА АТАНАСОВА
СОБРАНИ ОД НАСТАВНИКОТ: СИЛВА АТАНАСОВА
|
Зошто ли?
Дали заради броевите нанижани како жолто – кафеавите лисја на едно есенско дрво? Можеби заради фигурите: квадрат, правоаголник, ромб, трапез. Па, тука се и аглите со нивните имиња „Алфа, Бета, Гама, Делта...“ Има многу причини зошто ја сакам математиката. Таа е еден од верните помошници во градењето на нашата иднина.
Како што сите ние си имаме свои предци така и математиката. Многу одамна таа почнала да се користи. На почетокот луѓето ги користеле своите прсти за да пресметуваат, па потоа некои бројчаници, а сега пак имаме секакви калкулатори, компјутери, телефони и уште што не. Не можам ни да замислам што ќе биде во иднината.
Математиката е како мало чкорче кое никогаш не се гаси, но светлина во црната темница. Питагорова, Талесова теорема, плоштина, транслација, ротација, колку само имаат откриено големите математичари, и уште само колку ќе откријат.
Според мене ние сме се уште на почетокот на откривањето на нејзините големи тајни. Таа е нешто големо како најголемата планина, нешто бескрајно како убавото сино небо, нешто многу вредно како најубавиот бел бисер. МАТЕМАТИКА, збор со десет букви, пет слогови, збор кој во себе носи голема, неизмерна вредност.
- Леа Јаначковска VIII-а, ООУ Владо Тасевски, Скопје
ТВОРБИ И ИЗЈАВИ НА УЧЕНИЦИТЕ ОД VI, VII, VIII, IX ОДДЕЛЕНИЕ
ОД ООУ КИРИЛ И МЕТОДИЈ, С. РОМАНОВЦЕ, КУМАНОВО
СОБРАНИ ОД НАСТАВНИКОТ: МАРИЈАНА ТОШЕВСКА
ОД ООУ КИРИЛ И МЕТОДИЈ, С. РОМАНОВЦЕ, КУМАНОВО
СОБРАНИ ОД НАСТАВНИКОТ: МАРИЈАНА ТОШЕВСКА
- Викторија Митревска и Симона Младеновска VII одд ООУ Кирил и Методиј, с. Романовце, Куманово
Затоа што учиме да се снаоѓаме, да собираме, множиме, делиме и затоа што тоа ни треба.
- Сара П. IX одд, ООУ Кирил и Методиј, с. Романовце, Куманово
Ја сакам математиката затоа што со неа ќе заработувам пари на интернет... и ја сакам затоа што има интересни теми.
- Ангела М. IX одд, ООУ Кирил и Методиј, с. Романовце, Куманово
Бидејќи во животот ни е многу потребна.
- Далибор М. IX одд, ООУ Кирил и Методиј, с. Романовце, Куманово
Јас ја сакам математиката бидејќи сакам многу да учам.
- Александар М. VI одд, ООУ Кирил и Методиј, с. Романовце, Куманово
Затоа што е забавна и ќе ми помогне во животот.
- Марко С. VI одд, ООУ Кирил и Методиј, с. Романовце, Куманово
Јас ја сакам математиката затоа што е потребна во животот, затоа што некогаш може да се случи да бидеме професори по математика.
- Филип А. VIII одд, ООУ Кирил и Методиј, с. Романовце, Куманово
Јас ја сакам математиката затоа што правиме разни фугури, имаме квизови и учиме работи што до сега не сме ги знаеле и понекогаш ученици ни предаваат на час.
- Елеонора К. VIII одд, ООУ Кирил и Методиј, с. Романовце, Куманово
Јас ја сакам алгебрата и сакам да заменувам во израз.
- Александра М. VIII одд, ООУ Кирил и Методиј, с. Романовце, Куманово
Зартоа што учиме за геометриски тела, сакам да ги мерам страните и да пресметувам периметар и плоштина.
- Сара В. VIII одд, ООУ Кирил и Методиј, с. Романовце, Куманово
Јас ја сакам математиката бидејќи е предмет кој ме исполнува и ми овозможува да се стекнам со нови знаења.
- Викторија М. VII одд, ООУ Кирил и Методиј, с. Романовце, Куманово
Јас ја сакам математиката бидејќи оценката по математика ме прави среќна.
- Симона VII одд, ООУ Кирил и Методиј, с. Романовце, Куманово
Математиката ја сакам затоа што знењата што ги имаме постојано ги надополнуваме со нови и затоа што има интересни задачи.
- Николина IX одд, ООУ Кирил и Методиј, с. Романовце, Куманово
Подготвиле уредниците на ПОИМ:
Проф. д-р Ирена Стојковска,
Проф. д-р Весна Целакоска-Јорданова
Обjавено на:
14 декември 2016 година
Начин на цитирање на статијата:
И. Стојковска, В. Целакоска-Јорданова, Одговори на ПОИМ анкетата: Зошто ја сакам математиката?, Портал ПОИМ на Институтот за математика, ПМФ, Скопје, 14 декември 2016, http://poim-pmf.weebly.com/poim-anketa-zosto-ja-sakam-matematikata.html
Подготвиле уредниците на ПОИМ:
Проф. д-р Ирена Стојковска,
Проф. д-р Весна Целакоска-Јорданова
Обjавено на:
14 декември 2016 година
Начин на цитирање на статијата:
И. Стојковска, В. Целакоска-Јорданова, Одговори на ПОИМ анкетата: Зошто ја сакам математиката?, Портал ПОИМ на Институтот за математика, ПМФ, Скопје, 14 декември 2016, http://poim-pmf.weebly.com/poim-anketa-zosto-ja-sakam-matematikata.html
Авторизираните статии објавени на Порталот подлежат на законска заштита. Се забранува користење на статиите без наведување на авторот или изворот.