ПОИМ
  • Почетна
  • За порталот
  • Статии
    • Научно-популарни статии
    • Статии за наставата по математика
    • Математички омнибус (наука)
    • Математички омнибус (настава)
    • Статии од Месецот на науката
  • Активности
  • Забава
  • ПОИМ споделува ...
  • Рекле за ...
  • Контакт
ПОИМ - Портал на Институтот за математика
www.poim-pmf.weebly.com
Picture

НАУЧНО - ПОПУЛАРНИ СТАТИИ

Се залагаме за зголемување на свеста за местото и улогата на математиката во науките, технологијата, наставата, природата и културата.
Picture

Математика во уметноста: Цртање луѓе

Picture
Не секој е уметнички надарен, но покрај надареноста за да се нацрта еден успешен цртеж, потребно е многу вежбање, кое може да се олесни со елементарни математички познавања. Цртањето со пропорции (scale drawing) помага да се нацртаат пореални цртежи. Така, дури и цртањето луѓе, кое се смета за едно најтешките, може многу да се олесни.

Цртање на лицето. Цртањето на лицето започнува со цртање на главата. Луѓето имаат најразличен облик на глава, па секое прилагодување кон тој облик би внело поголема сличност со личноста која ја цртате. Како и да е, главата има елипсоидна, односно јајцевидна форма. Поделете ја нацртаната глава со една вертикална и една хоризонтална линија по средината на формата за помош при нанесувањето на деловите од лицето.
Picture
Доцртајте уште една хоризонтална линија на една четвртина од долу каде ќе треба да го поставите крајот на носот. Усните треба да ги поставите на средината меѓу крајот на носoт и врвот на брадата, значи на една осмина од долу, односно на една осмина од крајот на носот. 

За да ја одредите ширината на носот, поделете ја главата на пет вертикални делови, па ширината на носот одговара на ширината на централната петтина, додека пак очите треба да се постават во втората и четвртата петтина.

Најчеста грешка која се прави е поставување на очите премногу високо. Всушност, очите се поставуваат на средната хоризонтална линија. Основниот облик на очи е два споени лака, со вкупна висина од една осмина од висината на главата. Ушите почнуваат на висина на веѓите и имаат иста должина како и носот.
Picture
Цртање на телото. Уметниците најчесто ја „мерат“ големината на телото според големината на главата. Така, вообичаено тело на возрасен варира меѓу 7 и 8 глави во висина. Децата, посебно бебињата, имаат многу поголеми глави во споредба со телото, па за нив важат различни пропорции (Ideal propotion at various ages - by Andrew Loomis).

По цртањето на главата, продолжете со цртање на вертикална средишна линија со почеток од средината на долниот крај на главата и со големина од три глави. Така, ќе стигнете до колковите.

Доцртајте хоризонтална линија на долниот крај од нацртаната вертикална линија со ширина двојно поголема од ширината на главата, така ќе ја добиете ширината на колковите.

Нозете почнуваат од колковите и секоја од нив е долга четири глави. Означете ги колената на средината од нозете.

Линијата за рамењата е на една четвртина од главата под долниот крај на главата, а нејзината ширина е три пати поголема од ширината на главата. Должината на рацете е три глави. 

Скицирајте. Со познавањето на овие пропорции ќе му дадете на вашиот цртеж поприроден изглед, додека цртањето на деталите и особеностите, ќе му додадат на вашиот цртеж одреден персоналитет.
Picture
Извори:

[1] Scale drawings, Basic-mathematics.com, http://www.basic-mathematics.com/scale-drawings.html 
[2] Figure drawing, Maths Careers, http://www.mathscareers.org.uk/article/figure-drawing/
[3] Figure drawing for all its worth - Andrew Loomis, http://issuu.com/kyliegirl/docs/figure_drawing_for_all_its_worth_-_andrew_loomis

Автор:
Ирена Стојковска, Институт за математика, Природно-математички факултет, Скопје 

Објавено на ПОИМ:
17 јуни 2015

Начин на цитирање на статијата:
И. Стојковска, Математика во уметноста: Цртање луѓе, Портал ПОИМ на Институтот за математика, ПМФ, Скопје, 17 јуни 2015, http://poim-pmf.weebly.com/crtanje-luge.html
Download (PDF)
Авторизираните статии објавени на Порталот подлежат на законска заштита. Се забранува користење на статиите без наведување на авторот или изворот.

Copyright © 2015 POIM
Home Remedies For Wrinkles
Powered by Create your own unique website with customizable templates.