СТАТИИ ЗА НАСТАВАТА ПО МАТЕМАТИКАСе залагаме за зголемување на свеста за местото и улогата на математиката во науките, технологијата, наставата, природата и културата.
|
GEOGEBRATUBE - ОНЛАЈН УЧЕБНИЦИ ЗА ПОЛЕСНО СОВЛАДУВАЊЕ НА ГЕОМЕТРИЈАТА

Чувањето на однапред подготвените е-содржини за час често пати ни претставува проблем. Едноставно се губиме во морето од лекции, наставни ливчиња, картички и се' друго што е неопходно за успешна реализација на еден час. Во поглед на геометријата постои извонредна платформа за изработка, чување и споделување материјали со колеги од целиот свет: GeoGebraTube. Оваа платформа нуди можност за создавање на сопствен дигитален материјал којшто го уредуваме ние самите, по наша желба и според нашите потреби. Едноставно, самите си создаваме е-учебник.
Па да тргнеме по ред.
1. Првиот чекор секако е да се регистрираме на www.geogebra.org
Па да тргнеме по ред.
1. Првиот чекор секако е да се регистрираме на www.geogebra.org
По регистрацијата имаме свој профил на оваа платформа кој можеме и подоцна да го средиме и доколку сакаме, можеме нешто да измениме или да додадеме. На овој прозорец имаме три категории како на сликата од мојот профил.
- Материјали - тука ги сместуваме нашите изработки, како и изработките кои сме ги означиле како омилени од нашите колеги
- Групи - овозможуваат да работиме заедно со колегите на некои содржини па дури и постои можност за создавање на виртуелна училница со учениците.
- Следење - станува збор за социјална мрежа преку која може да ги следиме изработките на колегите од целиот свет, да ги означиме како омилени или пак да се вклучиме во група која нам ни одговара. Преку табот за пребарување може да дојдеме до аплети кои други ги изработиле, истите да ги преведеме, прилагодиме и искористиме за нас, без притоа да бараме посебна дозвола. Имено оваа платформа нуди сосема слободни материјали.
Исто така овде ја избираме и старосната граница за кого е наменет материјалот, како и таговите кои им овозможуваат полесно пронаоѓање на материјалот на останатите корисници.
Во делот Видливост имаме можност да избереме три нивоа:
- Јавно – сите корисници ќе го гледаат материјалот и можат да го најдат при пребарување;
- Споделено – ќе го гледаат само корисниците на кои ќе им дадете врска(линк) и нема да можат да го пронаоѓаат при пребарување;
- Приватно – никој не може ниту да го види ниту да го пронајде вашиот материјал.
И, на крајот, можете да ставите насловна страница на вашиот е-учебник (некоја сликичка). Секако, тоа можете да го направите и подоцна.
И откако завршивте со насловната страница сега одиме во делот Chapters каде може да ги внесеме имињата на темите за кои ќе го користиме учебникот или пак да си го поделиме материјалот на поглавја (целини) онака како нам ни одговара. Секако дека и подоцна може да си додаваме поглавја и теми.
Откако ќе внесеме некоја тема кликнуваме на Add worksheet и на New worksheet каде го запишуваме името на работниот лист кој сакаме да го внесеме. Тоа може да биде наша изработка но може и со пребарување да внесеме изработка од наши колеги од целиот свет.
По кликнувањето на New worksheet се отвара прозорец како на сликата.
- Text - Може да внесеме наш текст опис на некоја активност или текстуална задача.
- GeoGebra - Најважното е што овде може директно да изработиме аплет кликнувајќи на иконата Геогебра во кој ученикот ќе може да конструира и да истражува. Но, за да ги видиме изработките на учениците потребно е да создадеме виртуелна училница со нашите ученици како што може и група од колеги.
- Web - Овозможува директно во нашите материјали да внесеме веб страници или некои игрички поврзани со нашата проблематика.
- Question - Овозможува внесување на прашања од повеќечлен избор ,текстуални задачи како и прашања од есејски тип на кои ученикот може да одговара со сопствени зборови.
- Video - Може да внесеме и наше видео ако претходно сме го прикачиле на некој од сервисите кои служат за таа намена и тогаш само ја внесуваме URL адресата.
- Image – Внесувањето слики од нашиот компјутер или пак директно од некоја веб адреса е исто така можно.
- PDF-може да прикачиме и веќе направен лист како PDF.
Кога додавате изработки, платформата прво ќе ви ги понуди вашите аплети (оние коишто претходно веќе сте ги прикачиле), но со впишување на некој поим ќе ви се појават и други изработки кои се во тесна врска со поимот што сте го впишале. Ова е одлична можност да ги организираме нашите материјали.
И на крајот, како пример можам да ви го понудам мојот е-учебник (изработен пред воведување на програмата Кембриџ) како би изгледало тоа и ако ви се допаѓа начинот како овде се организираат материјалите можете да ја започнете вашата авантура. Учебникот може да го видите на следниот линк https://www.geogebra.org/m/uoFXUYZ6
Автор:
Снежана Златковска, ООУ„Илинден“, Крива Паланка
Објавено на ПОИМ:
10 мај 2018
Начин на цитирање на статијата:
С. Златковска, GeoGebraTube - онлајн учебници за полесно совладување на геометријата, Портал ПОИМ на Институтот за математика, ПМФ, Скопје, 10 мај 2018, http://poim-pmf.weebly.com/geogebratube-onlajn-ucebnici-za-polesno-sovladuvanje-na-geometrijata.html
Снежана Златковска, ООУ„Илинден“, Крива Паланка
Објавено на ПОИМ:
10 мај 2018
Начин на цитирање на статијата:
С. Златковска, GeoGebraTube - онлајн учебници за полесно совладување на геометријата, Портал ПОИМ на Институтот за математика, ПМФ, Скопје, 10 мај 2018, http://poim-pmf.weebly.com/geogebratube-onlajn-ucebnici-za-polesno-sovladuvanje-na-geometrijata.html
Авторизираните статии објавени на Порталот подлежат на законска заштита. Се забранува користење на статиите без наведување на авторот или изворот.